Triple strawberry cake | Sitno seckano

Кај нас мај е месец на неколку родендени. За еден од нив направив чоколадна торта, ама за најважниот човек, кој наполни 7 години, направив дури две вакви со јагоди и шлаг.

Тортата е многу вкусна и лесна, брзо се прави и јас најчесто го правам само колачот со било кое овошје кое е во сезона.

за колачот:

175g путер
150g шеќер
3 јајца
225g брашно (јас употребувам Doves Farm gluten free self-raising)
1 лажиче мелено ленено семе
1 лажиче прашок за пециво
1 кесичка ванилин шеќер
80ml кисела павлака
250g јагоди, исецкани

Сите состојки, освен јагодите се матат со миксер одеднаш. Потоа се додаваат јагодите и се меша со лажица.

Се пече во тавче со пречник од 22cm, подмачкано со путер, околу 30-40 минути, во рерна загреана на 180° C. После 20 минути печење добро е да се избоцка со чепкалка на неколку места во средината, за да може порамномерно да се испече внатре. Може лабаво да се покрие со хартија за печење, ако почнала да станува кафеава по површината, а внатре е уште жива.

За глутенски колач слободно употребете нормално пченично брашно тип 400 или тип 500 и зголемете го прашокот за пециво на 2 лажички, а меленото ленено семе можете да го изоставите.

Колачот е супер и сам по себе како таков, а испробан е и многу вкусен и со вишни, праски, сливи и круши.

за џемот: (ова е дупла доза)

500g јагоди, исецкани

220g шеќер

сок од пола лимон

Ставете сé во тенџере и гответе на средно јако додека јагодите не омекнат и не пуштат течност, а потоа уште некое време на потивко додека не почне да се згуснува. Прво може да изгледа дека е премногу течно и никогаш нема да се згусне, ама потоа многу брзо се згуснува. А и откако ќе се олади станува погуст.

шлаг:

1 кесичка шлаг

125ml ладно млеко

изматете ги додека не се добие убав шлаг.

и уште: свежи јадоги за украсување.

Кога колачот и џемот ќе бидат целосно оладени, премачкајте го колачот со половина од џемот, врз него ставете го шлагот, па свежите јагоди.

Сите делови можат да бидат направени претходниот ден и да се чуваат во фрижидер, а тортата да биде склопена пред послужување.

извори на инспирација:

https://www.mygfguide.com/gluten-free-blueberry-cake/

https://thedesignfiles.net/2023/11/food-julia-gluten-free-cake-strawberries-cream

https://www.sitnoseckano.com/strawberry-cake/

https://theloopywhisk.com/2023/07/14/easy-gluten-free-strawberry-cake/

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Палачинки со аквафаба / Aquafaba pancakes

Leave a Reply