Брза и мека погача, од состојки кои најверојатно секогаш ги имате. Рецепт вреден да се има во моменти кога ви се јаде солено, а немате леб, или за ненајавени гости (дали сé уште постои такво нешто?)
можеби изгледа комплицирано и долготрајно, ама овие корпи од кори многу лесно и брзо се прават. можат да се испечат и празни и да се наполнат со некоја салата, пинџур, сос или хумус, или со маскарпоне и свежо овошје. а многу се вкусни и вака, испечени со фил од јајце, јогурт и биено сирење.
сирењето манури е одлично во салати, со марула, спанаќ или рукола, со печено цвекло и јатки… ама бидејќи е несолено, добро оди со овошје за десерт. сега го направив со урми, на лето ќе го пробаме со свежо овошје, праски, сливи, смокви.
печено цвекло во салата со марула, рукола или млад спанаќ, сирење и јатки или семки и суви брусници, со прелив од маслиново, оцет балсамик и сируп од калинка е нешто неверојатно. овој киш е со слични вкусови, особено интересен поради сирењето манури кое совршено се вклопува со карамелизираниот кромид, печеното цвекло и оревите.
и сирење и рукола и суви домати и калинка и мед… само немаше место за сето тоа во насловот. изгледа како нафрлани работи, ама заедно си одговараат многу добро и сендвичот е ептен вкусен.
лесно можете да направите тарт само од тесто и јаболка и несомнено ќе биде многу вкусен, без оглед дали ќе го зачините со цимет, каранфилче или ѓумбир (или сите три) и ќе го засладите со бел или кафеав шеќер или мед. таквиот тарт си е во ред. ама кога под редот јаболка ќе наредите кришки сирење бри, е тогаш ќе добиете нешто друго. јас овој тарт со јаболка и бри би го јадела и за доручек.
веќе поминаа десетина дена откако се вративме од холандија каде што бевме на гости кај маја, џипу и гавин, а јас дури сега седнувам да напишам нешто. изгледа ми требаше време да се одморам од патот, шетањата и интересните јадења.
мајка ми ги нашла овие бели модри патлиџани на пазар и ги купила да ги пробаме. не знаев што е најпогодно да се зготви со нив, па неколку дена стоеја во кујна, додека не почнаа да се сушат. си реков дека е подобро да зготвам било што отколку да ги оставам да пропаднат и првото што го направив со еден од нив беше да го испечам на кришки со многу заатр. излезе многу вкусно, особено со печените патлиџани, сирење и балсамик крема (или кремаст балзамик). кремастиот балзамик е едноставно згуснат балзамик оцет и има поконцентриран вкус. јас го донесов од холандија, ама сум видела и тука по големите продавници. инаку во јадењево може да се употреби и обичен балзамик оцет.
уште една салата. иако денеска времето залади, сепак мене ми се јаде нешто лесно. оваа салата може да биде доволна за ручек, особено ако се стави и варената пченица, која јас ја изоставив, или некоја друга житарица, јачмен, на пример. може да се додаде краставица, пиперка, пржени печурки… јас сакам салати со варен наут, тој одлично оди и со цвекло и со рукола… ама оваа салата е посебна заради мешавината од зачини, заатр.
ова е најомилената салата на сите од скопскиот дел на ситно сецкано.
пред некое време ги видов овие слатки мали гибанички на блогот на кате, diethood, и си реков морам да ги направам. ја памтите чоколадната пита на кате? со кора од мелени бадеми? и неа морам да ја направам некој ден.