еве ме во последен момент да ви дадам идеја или две за домашно зготвени подароци за нова година.
КИСЕЛИ МОРКОВИ И ДАЈКОН
за две тегли од по 300 ml.
300 g дајкон и морков, исецкани на тенки стапчиња
150 ml вода
150 ml алкохолен оцет
неколку резанки свеж ѓумбир
2 лажици шеќер
1 лажиче сол
1 лута чили пиперка
бибер во зрна
ставете ги водата, оцетот, шеќерот, солта, ѓумбирот и биберот во мало тенџерче и загрејте ги додека не зовријат, па намалете ја температурата на најниско и оставете ги да се поварат неколку минути.
убаво измијте ги или стерилизирајте ги теглите. наполнете ги со стапчињата морков и дајкон, ставете ги врз нив парчињата ѓумбир и чили пиперка, па истурете го оцетот врз нив. треба зеленчуците целосно да бидат потопени. затворете ги теглите, чукнете ги малку за да се ослободат меурчињата воздух, и ставете ги во фрижидер да отстојат барем еден ден пред да ги јадете. мене киселите моркови и дајкон ми се многу вкусни со некое тврдо солено сирење или печено месо.
рецептот е од тука.
ЧОКОЛАДНИ БИСКОТИ
2 шољи брашно
¾ шољи какао
1 лажиче сода бикарбона
3 јајца
1 шоља шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
3 лажици кефир
1 шоља бадеми, крупно исецкани
100 g темно чоколадо, исечено или искршено на мали парченца
прво помешајте ги брашното, какаото и содата. во друга вангла изматете ги рачно јајцата со шеќерот и ванилата. во два-три наврати истурете го брашното во јајцата и промешајте. ако е тестото суво, додајте течност. јас додадов 3 лажици кефир, а може тоа да биде и вода, млеко, сок од портокал, јогурт…
со лажица вмешајте ги бадемите и парченцата чоколадо во тестото. поделете го тестото на два дела и од секој направете тенка векна, долга колку најголемото тавче од рерната. ставете ги врз хартија за печење, посипете ги со по една лажица шеќер и печете ги во рерна загреана на 175°C околу 20 – 25 минути, или додека површината не се распука и не се полустврднати. векните ќе нараснат при печењето и ќе се рашират, па оставете простор помеѓу нив.
оставете ги векните да се оладат петнаесетина минути, па со запчест нож за леб исечете ги накосо на кришки дебели околу 1 cm. легнете ги кришките во тавчето, врз хартијата за печење и повторно ставете ги да се печат уште 20 – 30 минути, додека не се стврднат. мојата рерна е јака од доле, па се испекоа за помалку од 20. кога ќе се оладат, спакувајте ги во тегли и поклонете ги некому кој ќе ужива со нив во топло чоколадо или чај.
рецептот е од тука.
ТОПЛО ЧОКОЛАДО
знам дека имаме неколку рецепти за топло чоколадо до сега, ама секогаш сме во потрага по повкусни и попрактични. овој мислам дека е таков, вкусен, многу лесно и брзо се прави, и лесно се раствара во млеко. го правам откако се појави на smitten kitchen и имам подарено тегли на повеќе пријатели.
100 g темно чоколадо
½ шоља какао
½ шоља шеќер
ставете го сето тоа во сецко и сомелете го. во ред е ако чоколатцата не се многу ситни, јас обично ги мелам до големината од 3 – 4 mm.
чувајте ја мешавината во добро затворена тегла, може долго да стои. а за да уживате во шоља топло чоколадо загрејте шоља млеко, додајте 3 лажици од смесата и убаво промешајте.
next post: Мирислив чоколаден куглоф со тиква / Spicy chocolate pumpkin bundt cake
Trackbacks for this post