многу од сеќавањата ми се поврзани со некое јадење. како еден ванила сладолед послужен со исецкана крушка и слатко од смокви. пред многу години вујна ми ми носеше и втор и трет пат чиниче од овој сладолед. вкусот сé уште го памтам, а и тоа дека ме испрати со врзоп диво лукче што го собрала на некоја планина и инструкции како да направам супа со него.
највкусниот сладолед кој знам да го направам е кремаст и мек и совршен како основа за додавање разни вкусови, како печени вишни или печени јаболка, анасон, свеж ѓумбир, или додатоци како чоколатца, лешници, суви сливи во црно вино… само, се прави со живи јајца.
мислам дека полесен сладолед до сега немам направено, освен можеби овошниот јогурт, а неверојатно вкусен. лани, на летување, често јадевме чоколаден сладолед со путер од кикирики, па сакав малце да го вратам летното чувство и сеќавањето на мирисот на море.
варијанта на сладоледот со јогурт, овој е направен со процеден домашен кефир.
уште еден ванилест сладолед, овој пат ишаран со печени вишни.
решив оваа година често да правам сладоледи. ова е првиот, го снема за еден ден. рецептот е на мајка ми и од него се добива најмазниот и најкремаст сладолед, а може да послужи како основа за многу вкусови. јас овде додадов семчиња од стапче ванила, за поизразен ванила вкус, и искршено темно чоколадо со бадеми и лешници.
на барање на мартин, наместо некој чуден експериментален сладолед, како оние со ѓумбир, анасон или таан, по веганскиот, го направив овој многу лешникаст и малку чоколаден сладолед. според некого, најдобриот сладолед што сум го направила.
според мене, најдобар сладолед е овој со кој пораснав, ванила или чоколадо, совршена основа за додавање вкусови. ама сакав да пробам некој без млеко и јајца и еве, начекав еден топол викенд (минатиот) и го направив овој сладолед од индиски ореви, кокосово млеко, црн чај и зачини. ако сте пиеле црн чај со млеко и зачини, знаете што можете да очекувате. сладоледов има баш таков вкус.
Топла, сончева есен, како оваа што ја имаме, е вистинското време за уживање во ваков сладолед. кремаст ванила сладолед, со суви сливи потопени во црно вино и ишаран со желе од вино, вкусовите се есенски.
неодамна наидов на многу убаво нане со неверојатно јак вкус. ми се чини дека ќе беше прејак за табуле, па го направив овој сладолед. нема да ви се верува колку јак ментол вкус има сладоледов. а особено добро доаѓаат малите парченца чоколадо измешани низ сладоледот.
имав во план некои други вкусови сладолед да направам, ама кога го видов сладоледов од кафе, тој доби предност пред сите. многу е вкусен, мазен, кремаст и кафето убаво се осеќа. ова е еден од оние рецепти за кој треба да се употребат повеќе вангли и садови, ама вреди.
не е доцна да смучкате уште некој сладолед додека летото не е завршено. овој е можеби најчоколадниот сладолед што некогаш сум го направила, а и син ми го одобри. прилично кремаст и со интензивен вкус.