не знам дали јадете магдонос колку мене, го ставам во супи, манџи, салати, сендвичи… како додаток. ама овде е главен и е супер. секако можете да додадете и друг зелениш, рукола, зелена салата, други тревки…
печено цвекло во салата со марула, рукола или млад спанаќ, сирење и јатки или семки и суви брусници, со прелив од маслиново, оцет балсамик и сируп од калинка е нешто неверојатно. овој киш е со слични вкусови, особено интересен поради сирењето манури кое совршено се вклопува со карамелизираниот кромид, печеното цвекло и оревите.
погача со пченкарно брашно со спанаќ е еден од нашите први рецепти, објавен во април 2009. заслужува да биде обновен, затоа што е толку лесен и вкусен, а особено што се погоди да имаме производи од “наша фарма“: пченкарно брашно мелено на камен, свеж спанаќ и селски јајца.
со денови ја мислев оваа пица, со јајце. ме потсеќа на пицата “скопје” од онаа пицерија каде што имаше многу убави панцероти, во гтц. тестото е оноа брзо тесто, што се прави за десетина минути, а спанаќот едноставно зготвен, со брз бешамел сос и лукче.
често правам ќофтиња или плескавици без месо. не е потребен ни рецепт, обично основата е сварен грав, леќа или наут, или некоја житарка, потоа додавам зеленчуци, зачини и, во зависност од текстурата на смесата, презла или овесни снегулки.
мојата омилена зимска салата. изрендани свежи коренести зеленчуци, најчесто цвекло и моркови, а овој пат и една малку лута бела зимска трупка и една слатка каракушка. понекогаш, во зависност од тоа што имаме дома, ставам и целер, пашканат, кисело јаболко, праз, зелка, црна трупка, дајкон…
и сирење и рукола и суви домати и калинка и мед… само немаше место за сето тоа во насловот. изгледа како нафрлани работи, ама заедно си одговараат многу добро и сендвичот е ептен вкусен.
во последно време многу ми се важни брзи рецепти. како тестото за пица од минатиот пост, или оваа туршија која може веднаш да се јаде, после само неколку часа, без чекање со недели да се скисели.
кога последен пат зборевме за пица, ви реков дека имам рецепт за одлично брзо тесто. ваква пица најчесто правам во денови кога ќе дојдам од работа, а немам ништо смислено за ручек, ниту имам време. тестово се прави за неколку минути, нема месење, стои додека ги подготвувате другите состојки, лесно се развлекува и веднаш можете да ја печете пицата.
машината за леб ја купивме пред точно една година. прво се противев, мислев ќе зафаќа место, а нема да ја користиме. мислев дека можат да се прават само два – три различни рецепти за леб и тоа ми изгледаше досадно. слушав дека мора строго да се придржуваш до рецептите кои доаѓаат со неа, ама прилично брзо почнав да не се придржувам до нив. менувам разни брашна, додавам разни семиња и зрна. сол помалку, шеќер воопшто не ставам, а ни млеко во прав. некогаш додавам некој зачин, лут буковец или суво нане, оригано. наместо вода, ставам кефир, или течноста што останува кога ќе се процеди кефирот. или сварена пченица, пире од цвекло…
ова не е вистинска паста ала норма, дека модриот патлиџан е печен, ама мене вака повеќе ми се допаѓа. повкусен ми е печен, полесно се прави, не мора да се меша да не се залепи во тавчето како кога се пржи. потребно е многу помалку масло за печење, и обично правам поголема количина, па дел употребувам во други рецепти, како овие салати со наут или со кус-кус, во тесто заедно со други зеленчуци или во супа. а и секој си става онолку коцки модар на своите шпагети колку што сака, бидејќи не се сите кај нас дома воодушевени од модри патлиџани.
едно од јадењата кои син ми, мартин, не ги бендисува кога ќе ги направам е грав, а особено тавче гравче. моето гравче никако не се мери со гравчето кое го прави баба му. затоа ја викнав мајка ми заедно да направиме тавче гравче за да видам во што е тајната. по сé изгледа не му оставав доволно време на гравот да се свари, да се испече и да отстои, а и штедам на сол.
Continue Reading…