Cheesecake е мојот омилен десерт. Импресивно изгледа кога ќе им го дадете на гости, а многу лесно се прави. Овој рецепт го правам со години и го знам на памет. Ама после толку многу бели чизкејкс решив да експериментирам со чоколадо. Ако сакате да се покажете во кујната – еве ви го совршениот рецепт за тоа. Нема да се разочарате.
за подлогата:
200 гр. мелени бисквити (или ако сте во Америка graham crackers, или на други места digestive cookies)
5 лажици стопен путер
за филот:
400 гр. крем сир (АBC, Дукат или некој сличен)
1 павлака (250 мл.)
1 чаша хопла (користете ја чашката од павлаката за мерење)
1 чаша бел шеќер (мерејќи со чашката од павлаката)
3 јајца
3 лажици брашно
+ за чоколадниот дел:
3 полни лажици какао
2 лажици шеќер
Во посуда, измешајте ги мелените бисквити со стопениот путер, и притиснете ги на дното од тавче од 22 сантиметри (ако имате тавче од 24 цм, ќе ви треба малку повеќе бисквити и стопен путер, ама ќе имате доволно фил со овој рецепт). Силно притистнете ја мешавината од бисквити за да се направи рамна подлога. Печете ја подлогата 10 мин во загреана рерна на 200 Ц степени. Извадете ја од рерна и оставете ја да се олади. Треба да биде само малку заруменета.
Во меѓувреме, ставете го кремсирот во посуда и почнете да го матите со миксер. На него додадете ја павлаката, хоплата, шеќерот, јајцата и на крај брашното. (ако почнете со матење на кремсирот, филот ќе ви биде мазен и убав, инаку може да останат грутки кремсир неизматени).
Истурете пола од филот во тавчето врз оладената подлога. На останатиот дел од филот додадете го какаото и дополнителниот шеќер и изматете пак. Истурете го чоколадниот фил врз белиот. Јас се обидов да направам поубави шари ама не ми успеа баш.
Печете го чизкејк-ов во загрена рерна на 180 степени околу саат време и потоа обавезно оладете ја во фрижидер барем 6 саата, ама најдобро преку ноќ. Потоа исечете ја или како традиционална торта или во помали коцкасти парчиња како што направив јас. Уживајте !
next post: Перничиња со кисело млеко / Yoghurt pillows