решив да го почнам месецов со рецепт, ама не ми успеа. после кратка пауза од пишување рецепти се најдов пред дилема кој следен рецепт да го објавам, кој ден во неделата е најпогоден за тоа и слично, па поминуваа денови, мене ми беше сѐ потешко да најдам време да седнам на компјутер и паузата прилично се продолжи. затоа, да не одлагам повеќе, еве еден краток рецепт, брзо се прави и брзо јаде, а е толку вкусен, особено со чипсот, па пробајте да не ја изедете целата количина одеднаш.
по мојот инстаграм во последно време можете да заклучите дека многу сакам печено цвекло. освен во салати, го искористив и во тесто за пица и ролни со урда и многу беше добро. ако не сте пробале до сега, еве како е најлесно да го испечете, како цвеклото за оваа салата со анасон и марула.
можете да го испечете и неколку дена порано, може да стои во фрижидер и цела недела. измијте го, исечете ги краевите со дршката и коренчето и завиткајте го секое цвекло посебно во алуминиумска фолија. ставете ги да се печат во рерна загреана на 200°C околу 1 саат, или додека не омекнат.
извадете ги од фолијата, оставете ги малку да се оладат за да можете да ги држите и излупете ги. лушпата лесно ќе склизне од нив, некогаш не е потребен ни нож.
го нареков јадењево хумус, затоа што е рецептот е ист како хумусот од наут, само наместо наут има цвекло. исто вкусно е и ако на хумусот од наут му додадете печено цвекло.
2 испечени средни цвекла
1 лажица таан
2 лажички солени лимони*
1 лукче
маслиново масло
излупете ги цвеклата, исечете ги на парчиња и заедно со другите состојки изблендирајте ги во сецко. толку. пробајте и додајте нешто, сол, таан, лукче, по ваш вкус. послужете го хумусот со крекери со тиква или од семки или чипс како овој, од испржени тортиљи.
за чипсот, исечете ги тортиљите на триаголници и испржете ги во малку маслиново масло загреано на средно, во еден слој, од двете страни по една минута, или додека не се заруменат. многу се вкусни и заразни.
лани, пред нова година, направив крекери од брашно од наут, да одат со ваков хумус од цвекло. беа баш соодветни, многу едноставни и вкусни. треба да ги направам пак.
*за солените лимони: рецептот на линкот е од пред седум години. во меѓувреме, имам сменето некои работи во правењето. воглавно ја имам поедноставено целата постапка. не ги оставам лимоните да стојат во вода неколку дена. не ги сечам толку прецизно, обично на четвртинки кои се држат на едната страна, а кога ќе ја наполнам теглата со такви цели лимони, во празнините притискам и по некоја половинка или четвртинка. потоа теглата ја полнам до горе со сок од лимон, не вода. по стоењето околу 3 недели, ги блендирам цели заедно со течноста околу нив и таквата смеса ја корисам во разни јадења.
next post: Пита со виолетов сладок компир / Purple sweet potato pie